Надзорна расправа во Собранието: АЛТА банка останува стабилна, власта и опозицијата со спротивставени ставови за одговорноста
За време на расправата, вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, појасни дека одлуката за воведување администрација е донесена откако на матичната „Алта банка“ во Белград ѝ била одземена дозволата за работа од страна на Народната банка на Србија. Со тоа, српскиот акционер ги изгубил законските услови за квалификувано учество во македонската банка, поради што Народната банка ги одзела неговите гласачки права и назначила привремена управа за да се спречи прелевање на ризиците.
Пред пратениците се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека финансиската состојба на битолската банка е стабилна и апелираше процесот на наоѓање нов купувач да не се попречува со политички препукувања. Во однос на прозивките за тоа кој дозволил влез на овој капитал во земјава, Мицкоски презентираше нацрт-записник од владина седница од 2023 година, посочувајќи дека првите деловни релации со банката биле воспоставени во времето на претходнатавлада на СДСМ и ДУИ.
Од друга страна, пратениците од опозицискиот СДСМ побараа детални одговори и институционална одговорност. Тие оценија дека надлежните институции потфрлиле при контролата на капиталот поврзан со уапсениот српски бизнисмен Давор Мацура и прашаа како воопшто била издадена дозвола за преземање на банката без навремена проценка на репутациските и безбедносните ризици.
Расправата продолжува со сослушување на останатите поканети претставници од финансискиот сектор, по што Комисијата треба да ги формулира и усвои официјалните заклучоци.
