Владата подготвува пакет мерки за зголемување на домашното производство на електрична енергија, со цел евентуалното поскапување на струјата за домаќинствата да не надмине пет проценти, најави премиерот Христијан Мицкоски.
На денешниот брифинг со новинарите, премиерот посочи дека новиот енергетски модел предвидува неколку клучни чекори за стабилно снабдување во пресрет на зимската сезона:
Увоз на јаглен од Косово: Се подготвува логистички модел со кој дневно ќе се транспортираат над 6.000 тони јаглен за потребите на РЕК Битола, со ангажирање на повеќе од 200 камиони. Тендерската постапка за транспорт и складирање е во тек и треба да заврши до крајот на месецот.
Рестартирање на Блок 3: Паралелно се работи на повторно ставање во функција на третиот блок во РЕК Битола. Снабдувањето со енергенси ќе се одвива преку железнички транспорт од пристаништето во Солун, за што Министерството за транспорт и Македонски железници веќе ја обновуваат потребната инфраструктура.
Дополнителни количества и хидропотенцијал: Домашното производство ќе се комбинира со набавка на електрична енергија од Грција, додека прогнозите за зимата со температури и врнежи над просекот даваат оптимизам за подобро полнење на акумулациите и поголемо производство од хидроелектраните.
Според Мицкоски, со овој модел производната цена на струјата би била двојно пониска од претходната. Овие мерки доаѓаат во период кога цените на енергенсите на европските пазари бележат драстичен раст. Премиерот предупреди дека цената на електричната енергија во Европа во наредните месеци би можела да достигне од 350 до 400 евра за мегават-час, додека гасот веќе се движи околу 86 евра, со скокови и над 100 евра.
Покрај енергетската криза, која ја оцени како главен ризик за инфлацијата, Мицкоски на брифингот информираше и дека до надлежните институции веќе се доставени неколку стотици пријави за финансиски криминал и корупција, при што ги спомена имињата на Андреј Жерновски, Венко Филипче и Александар Трајановски
