Свети Зиновиј и неговата родена сестра Зиновија потекнувале од градот Егеј во Киликија. Од своите побожни родители ја наследиле вистинската христијанска вера, но и големо материјално богатство. Ревнувајќи за верата со голема љубов, тие го раздале целиот свој имот на сиромасите, а самите останале да живеат во доброволно сиромаштво и молитва
Поради нивните милостиви раце, Бог ги дарувал со дар на чудотворство, па Свети Зиновиј исцелувал болни од секаква болест само со допирот на раката. Поради неговата светост и ревност, народот го поставил за епископ Егејски.
Во времето на големите прогони на христијаните за време на царот Диоклецијан, судијата Лисиј го фатил Зиновиј и му рекол: „Ти предлагам две нешта – живот и смрт. Живот ако им се поклониш на боговите, смрт ако не им се поклониш“. На тоа Свети Зиновиј храбро одговорил: „Животот без Христа не е живот туку смрт, а смртта заради Христа не е смрт туку живот“
Кога судијата го подложил на тешки маки, неговата сестра Зиновија доброволно се јавила пред судот, не сакајќи да го остави брата си сам во страдањата. Откако и двајцата ги издржале сите мачења без да се откажат од верата, им биле отсечени главите со меч во 285 година, со што се удостоиле со венци на маченичка слава
