Во секое општество постои една специфична категорија на луѓе кои уметноста на преживувањето ја довеле до совршенство, но по цена на сопствениот образ. Дали се оние кои со едната рака цврсто држат сигурна државна плата и бенефиции, а со другата – скриени зад анонимни дојави – „штанцаат“ напади и партиски наративи по портали?
Никој не го оспорува правото на слободно изразување, ниту пак улогата на укажувачите кои откриваат реален проблем. Но, најчесто не станува збор за правда туку за класичен опортунизам и лицемерие.
Дали се тоа луѓе-ветрокази?Дали се активираат по потреба и дали се навистина толку загрижени граѓани? Се тоа трае само додека се анонимни. Во живо, тие се првите кои ќе му се насмевнат на претпоставениот, ќе кимнат со главата и ќе ја пофалат моменталната власт – без разлика која е таа.
Кога ќе се сменат политичките ветрови, тие само го менуваат дресот и продолжуваат со истата валкана игра, глумејќи жртви или скриени сојузници на новите победници.Најголемата штета од ваквите профили ја трпи самиот систем. Дали поради ваквите, чесните и професионални личности кои си ја работат работата без политички калкулации остануваат во сенка?
Дали овие „вртикапи“ го трујат јавниот простор со анонимност за да бркаат кликови и да одработуваат политички агенди?
На крајот, останува фактот дека тие немаат идеологија, немаат кауза и немаат лојалност кон никого, освен кон сопствениот џеб и личен интерес. Тие се паразит на секој систем, спремни да ја преминат секоја граница на моралот, се додека тоа им носи лична сигурност.