Водоснабдувањето со чиста и питка вода во Битола е целосно нормализирано, откако во текот на вчерашниот ден имаше привремени прекини во одредени повисоки зони од градот, информираат од ЈКП „Водовод“ – Битола.
Според соопштението од јавното претпријатие, проблемот настанал вчера попладне и во вечерните часови, кога поради обилните врнежи од дожд биле вклучени пумпите за транспорт на вода од пумпната станица Довлеџик до филтер-станицата во Дихово, со цел да се одржи континуирано снабдување на градот.
Меѓутоа, во тој период настанал дефект на напојниот далновод кој ја снабдува пумпната станица со електрична енергија. Поради прекинот на струја кој траел повеќе од два часа, бил оневозможен дотокот на вода до филтерницата во Дихово, што директно се одразило врз водоснабдувањето во повисоките делови на Битола.
Од ЈКП „Водовод“ додаваат дека по санирањето на дефектот на електричната мрежа, системот повторно е ставен во функција и граѓаните веќе добиваат чиста вода за пиење без прекини.

