Две неексплодирани артилериски гранати од Првата светска војна беа пронајдени на брегот на Црна Река, крај мостот во атарот на с. Новаци.
Пиротехничарот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорѓи Стефанов, безбедно ги подигна гранатите, а нивното уништување беше извршено вчера на армискиот полигон Криволак, заедно со над 2 262 различни неексплодирани средства (НУС), односно тромблонски гранати, рачни бомби и други артилериски гранати од минатите војни. Вкупната тежина на уништените убојни средства изнесувала околу 1,5 тон, а само нивниот експлозив тежел околу 200 килограми.
ДЗС апелира: При пронаоѓање на сомнителни предмети што личат на неексплодирани експлозивни средства, да не се допираат или поместуваат, туку веднаш да се пријават на телефонскиот број 112.
