Додека развиениот свет зборува за вештачка интелигенција, колонизација на Марс и паметни градови, во Крива Паланка главната сообраќајна и урбана авангарда се повеќе од илјада крави на слободен режим. Прашањето „во кој век сме?“ одамна стана излишно. Очигледно сме во некоја паралелна, пред-феудална димензија каде што асфалтот е само поцврста ливада, училишните дворови се нови пасишта, а селските ниви се бесплатен шведски стол.
И да, изгледа дека навистина сме доволно назадни за ова да ни стане секојдневие. Во земја каде што институциите се вртат во круг како изгубено стадо, со години никој не може да се справи со добиток што си шета по корзо. Наместо брза реакција, гледаме пинг-понг со надлежности, барања за 30-дневна кризна состојба и кривични пријави затоа што некое решение за одземање фаќало прашина по фиоките уште од 2024 година. Кравите испаднаа поорганизирани и послободни од просечниот македонски граѓанин – не плаќаат данок, не признаваат граници, а државата им стои мирно.
А кога веќе немаме со што друго да се пофалиме, тука е нашата омилена меѓународна промоција: преку скандали и апсурди. Наместо во светските вести да нè има по иновации, култура или туризам, Асошиејтед Прес и Еуроњуз нè прославија со видео-репортажи за паланечкото сафари. Светот се смее на балканскиот куриозитет, додека ние си го живееме трагикомичниот проблем на сопствен грб – со уништени насади, загрозена безбедност во сообраќајот и срам што ниту една ПР-кампања не може да го испере.
Ако ништо друго, барем докажавме дека кај нас и апсурдот има европска виза. Секоја чест!
