сре. Ное 18th, 2026

Обвинение против девет полицајци за пропусти во случајот со двојното убиство во Велес

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска, 18 ноември, поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес поради сериозни пропусти во заштитата на жртва на семејно насилство, кои завршија со трагичен исход.

Полицајците се товарат за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „неизвршување судска одлука“. Според наводите во обвинението, во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година, тие не постапувале соодветно по пријавите поднесени од Росица, со што директно ги повредиле нејзините права, вклучително и правото на живот.

Истрагата покажала дека жртвата пред трагедијата дури седум пати пријавувала насилство, напади и вознемирување од нејзиниот поранешен партнер. И покрај тоа, на 15 септември 2025 година, сторителот упаднал во нивниот дом во Велес, ги убил Росица и нејзиниот татко, а потоа си го одзел животот.

Од Обвинителството нагласуваат дека обвинетите службеници не ги примениле законските процедури за процена на ризик и заштита на жртвата. Дополнително, тие не ги спроведувале ниту веќе изречените итни судски мерки за заштита. Дел од полицајците воопшто не го известиле надлежниот јавен обвинител за пријавите, туку прибраните докази ги чувале во полициските простории без да поведат соодветна постапка.

Пред поднесувањето на денешното обвинение, Внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи спроведе истрага со која утврди пропусти кај вкупно 11 полициски службеници од СВР Велес. Против нив беа поднесени кривични пријави и беа поведени дисциплински постапки, а на дел од инволвираните веќе им беа изречени дисциплински санкции.

Овој случај повторно го отвори прашањето за институционалната одговорност и ефикасноста на системот кога станува збор за заштита на жртвите кои навремено бараат помош од надлежните институции.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *