Додека политичките говорници од своите говорници ја дефинираат реалноста преку поделби на „елити“ и „талози“, обичниот граѓанин – оној кој не поседува партиска книшка, туку само чесен труд – се наоѓа на суровиот јаз помеѓу овие два вештачки света.
Наместо општество кое негува заедница каде различното мислење е основа за меѓусебна почит, македонското секојдневие повторно се сведува на агресивно етикетирање во кое обичниот човек е само нем посматрач на сопствениот живот.
Обичниот работник денес не се буди со мислата дали му припаѓа на некој апстрактен „талог“ или на некаква „елита“. Неговото секојдневие е сурова борба за егзистенција.
Додека политичарите се препукуваат кој е поучен, кој е посилен и кој во какво „политичко мочуриште“ тоне, тој работник буквално тоне во несигурност – прашувајќи се дали ќе има за сметки, за пристојно образование на своите деца и за лекови кои самиот мора да ги купува.
Елита на една земја не се оние кои седат во фотелјите на моќта, туку оние кои ја држат државата на своите плеќи – лекарите кои не се откажуваат од јавното здравство, наставниците кои сè уште со ентузијазам ги учат децата и работниците кои чесно го заработуваат својот леб.
Наместо државата да гради систем на взаемна почит, каде различните ставови се дебатираат со аргументи,дали се создава атмосфера на исклучивост?Ако не си со нас, ти си „талог“. Ако си против нас, ти си „лажна елита“?
Во тој меѓупартиски оган, обичниот човек останува осамен на јазот. Тој гледа како општественото ткиво се распаѓа затоа што јазикот на поделбите го заменува јазикот на заедништвото.
Граѓаните не сакаат лидери кои ќе ги делат по која било основа, туку лидери кои ќе разберат дека секој граѓанин има еднакво право на достоинствен живот и почит.
Време е да се сфати дека вистинскиот напредок не доаѓа кога едната политичка опција ќе ја „победи“ другата, туку кога обичниот човек конечно ќе престане да биде колатерална штета на нивните суети