Најавениот протест на Форумот на жени на СДСМ денес ќе се одржи пред полицијата и Обвинителството во Охрид , потврди вчера претседателот на партијата, Венко Филипче, во гостување на „Телма“.
Протестот е најавен во знак на поддршка за Сара Ѓоргиевска, која беше претепана, и покрај тоа што нејзиното семејство побара собирот да биде откажан, со образложение дека случајот не треба да се користи за политички цели.
Филипче изјави дека протестот не е само за Сара, туку и за да се спречат слични случаи во иднина. Според него, целта е да се укаже на постапувањето на институциите, а не да се собираат политички поени.
Семејството на Сара претходно се заблагодари за поддршката од јавноста, но порача дека по последните случувања и повторното определување притвор за осомничениот во овој момент му се потребни мир и закрепнување на неговата ќерка.
Кристијан Корабоски, осомничен за претепувањето на Сара, попладнево повторно бил приведен, а Обвинителството побарало притвор и најавило дека ќе го гони за три кривични дела.
Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој во Брисел најави дека Владата ќе стори сè за сторителот да биде изведен пред лицето на правдата, Филипче оцени дека тоа е „најголем знак дека Мицкоски се меша во судството“.
ВМРО – ДПМНЕ денес пак преку соопштение рекоа дека Денес СДС најави протест во Охрид каде недолжна млада девојка беше крвнички нападната од насилникот кој денес е зад решетки.
Оваа случка беше недвосмислено осудена од сите фактори во државата. ВМРО-ДПМНЕ веднаш го осуди инцидентот и побара обвинителството да не помисли овој случај да биде заборавен. Овој немил настан, за жал, единствените кои политички го злоупотребуваат се Венко Филипче, СДС и Левица.
Повикот за протест е повик да се политизира целиот настан за да има крвави политички поени за Венко Филипче. А Филипче пет пари не дава ниту за повреденото девојче ниту за неговото семејство. Ако беше поинаку, тогаш СДС ќе се однесуваше достоинствено, а не како лешинар.
Ова нивно однесување се повторува. Впрочем, нивното лешинарење започна уште од времето на злоупотребите на смртта на Мартин Нешкоски, малечката Тамара, децата кај Смилковско Езеро, Никола Младенов. Венко Филипче со Зоран Заев има историја на злоупотреби и лешинарење на политичката сцена само за да дојдат на власт.
Нивното антимакедонско однесување е дното кое народот го осудува и од кое мора да се дистанцира.
Протестот на СДС во Охрид не е за сочувство на семејството на претепаното девојче, туку борба за фотелјата на Филипче.- наведија од ВМРО – ДПМНЕ во денешното соопштение за јавноста
