Во рамки на проектот Ф/П 1674, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор (АДИССДП), кое е основано на 3 јуни 2011 година, досега има изградено и предадено вкупно 27 станбени објекти со 1.214 социјални станови низ целата држава. Сите станови се со површина од 35 до 45 квадратни метри и се наменети за лица во социјален ризик и други ранливи категории граѓани.
Анализата на официјалните податоци покажува дека најголем број социјални станови во рамки на овој проект се изградени во Кочани, каде во три згради на локацијата Драчевиќ се реализирани вкупно 107 станови. Веднаш зад Кочани е скопската општина Ѓорче Петров со 102 стана во два објекти на локацијата Јурија, додека на третото место е Штип со 91 стан, кој воедно ја има и најголемата поединечна зграда во овој проект на локацијата Сењак 2. На дното на листата со најмалку изградени станови се наоѓаат Македонски Брод со само 10 станови, Гевгелија со 16 и Ресен со 18 социјални станови.
Покрај веќе завршените објекти, АДИССДП во моментов активно гради уште три згради со вкупно 434 социјални станови. Најголемиот тековен зафат е во скопската општина Бутел, каде се гради зграда на 13 ката со 312 станови. Во тек е и изградбата на објект со 63 станови во Прилеп, како и зграда со 59 станови во скопската општина Сарај. Дополнително, во план-програмите на друштвото се евидентирани и два нови објекти за идна изградба со вкупно 75 социјални станови – една зграда со 39 станови во Штип (Сењак 4) и една со 36 станови во Пехчево.
Што се однесува до Битола, градот последен пат доби нови социјални станови во ноември 2012 година, кога беа изградени и електронски распределени 78 станови на локацијата БЛР1 Ц1. Оттогаш во Битола нема нови социјални згради во градба, ниту пак градот е дел од тековните планови за социјална станбена изградба. Сепак, по пауза од 12 години без државна станбена изградба, АДИССДП во ноември 2024 година започна со изградба на комерцијална станбена зграда во Битола со 65 станови, 11 деловни простории и 71 паркинг-место, чија продажба започна во февруари 2025 година по цена од 1.000 евра за квадратен метар. Со програмата за 2026 година е предвидено проектирање и изградба на уште еден ваков комерцијален објект со 60 државни станови во градот.
