Нов дефект на дотраената водоводна линија го остави Штип без вода, Општината обезбедува цистерни и флаширана вода
По 40-часовните работни активности за санација, нов дефект на главната водоводна линија повторно остави повеќе штипски населби без вода, информираат од Општина Штип. Според надлежните, проблемот настанал веднаш по повторното пуштање на водата, како последица на зголемениот притисок и дотраеноста на мрежата која е стара 50 години.
Со овој прекин во водоснабдувањето се засегнати жителите од населбите Три Чешми, Пребег, Ново Село, Исар, како и делови од Сењак и 8 Ноември.
За да им се излезе во пресрет на граѓаните, локалната самоуправа ги стави на располагање сите свои човечки, технички и логистички капацитети, при што во справувањето со состојбата се вклучени јавните претпријатија, Територијалната противпожарна единица, Црвениот крст и расположливата механизација. За засегнатите домаќинства веќе се организира алтернативно снабдување. Техничка вода ќе се обезбедува преку цистерни поставени на соодветни локации низ населбите, за чии точни позиции граѓаните навремено ќе бидат известени преку официјалните општински канали и медиумите, додека флаширана вода за пиење директно до домаќинствата ќе дистрибуираат волонтери во координација со Црвениот крст.
Од Општина Штип им се извинуваат на сите засегнати граѓани за настанатите непријатности и апелираат за разбирање и трпение. Во меѓувреме, екипите на јавното претпријатие „Исар“, засилени со дополнителна поддршка, интензивно работат на терен. Според најавите, санацијата на дефектот се очекува да заврши во текот на ноќта, по што ќе следува и постепено стабилизирање на водоснабдувањето во градот.
