Дали македонскиот јавен простор одамна е усовршена вештината на политичка алхемија – уметноста од загрижувачки бројки да се направи победнички наратив? Најновата анкета на една агенција ни се сервира како доказ дека „повеќе од половина граѓани се главно задоволни од животот“. Но, ако само малку ја изгребете површината на оваа статистичка шминка, зад неа ќе се појави сликата на едно длабоко потиснато, незадоволно и загрижено општество. Да почнеме од фамозните 57,5% „задоволни“. Во земја каде што инфлацијата со години го јаде стандардот, а младите масовно си ги пакуваат куферите, тврдењето дека граѓаните цветаат од задоволство е во најмала рака цинично. Самиот податок дека едвај 7% се многу задоволни кажува сè.Дали тоа е процентот на политичката и бизнис-елита која навистина го живее „македонскиот сон“?Дали останатите 50% се „главно задоволни“ – категорија која во превод значи општествено преживување, потиснати очекувања и класично македонско „можеше и полошо“?Од другата страна на реалноста стојат сурови 41% граѓани кои директно кажале дека се незадоволни. Тоа не е успех за фалење; тоа е црвен аларм за секоја власт. Дека перцепцијата и реалноста се во сериозна кавга, најдобро покажува ставот за петте милиони евра потрошени за прославата на независноста. Додека партиските мегафони нè убедуваа во „вредноста“ на патриотскиот спектакл, анкетата открива дека кумулативно близу 45% од испитаниците не го одобруваат ова трошење. Едни сметаат дека цената е превисока, други дека парите требало да одат за болници и училишта, а трети отворено обвинуваат за нетранспарентност. Кога секој втори граѓанин смета дека си му ги потрошил парите на погрешно место, тогаш прославата не била народна, туку партиска. Секако, анкетата не би била комплетна без процентите за политичкиот рејтинг, каде што на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и се припишува „убедлива победа“. Но, и тука математиката е немилосрдна кон триумфализмот. Ако премиерот Христијан Мицкоски е „најпопуларен“ со 20% доверба, дали автоматски значи дека огромни 80% од граѓаните немаат доверба во него? Тоа што неговиот опонент Венко Филипче тоне со мизерни 3,8% поддршка не е доказ дека власта е брилијантна, туку дека опозицијата е клинички мртва. Таква анкета, спроведена на репрезентативен примерок, не е доказ за македонскиот просперитет, туку огледало на нашата колективна апатија. Таа покажува општество кое ги спуштило критериумите за тоа што значи „квалитетен живот“ до ниво на обично преживување од први до први во месецот.