Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ организира протест денеска со почеток во 17 часот во паркот „Жена борец“ во Скопје, упатувајќи повик до граѓаните заеднички да се приклучат во борбата против насилството врз жените и девојчињата.
Организаторите апелираат на масовно присуство и солидарност, нагласувајќи дека собирот е директен израз на гнев и непомирување со реалноста во која родово базираното насилство станува секојдневие.
„Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат!“, порачуваат од иницијативата во пресрет на попладневниот собир.
