Колку пати на храмова слава гледаме иста слика: во храмот се служи Света Литургија, а надвор се подготвуваат трпезите, се готват манџите. Богослужбата завршува со полупразен храм, а славскиот ручек започнува пред полните трпези.
Луѓето доаѓаат на манастирот, доаѓаат на славата, доаѓаат да се поздрават, да се видат, да ручаат… Но, колкумина доаѓаат заради Бога?
Манџата го полни стомакот, но богослужбата ја храни душата!
Не е грев да се седне на славска трпеза. Не е грев да се сподели храна, да се разговара, да се дружи и да се радува. Напротив, заедничката трпеза е благослов кога е исполнета со љубов, благодарност и братство.
Но, кога трпезата ни станува поважна од богослужбата, кога за ручек имаме време, а за Бога немаме, кога сме гладни за манџа, а не чувствуваме глад за Света Причест – тогаш треба сериозно да се запрашаме каде сме ја изгубиле суштината на празникот.
Нашите души се гладни. Гладни за молитва, гладни за Божји збор, гладни за љубов, за прошка, за мир. А ние постојано ги храниме телата, додека душата ја оставаме да гладува.
Затоа не е чудно што има толку малку љубов меѓу нас, толку многу завист, омраза, осудување, злоба и нетрпение. Не можеме да очекуваме душата да биде здрава ако никогаш не ја храниме со Бога.
На храмова слава не доаѓаме само за да јадеме. Доаѓаме да се помолиме на светецот, да Му благодариме на Бога, да учествуваме во богослужбата, да се причестиме со Светите Христови Тајни и да ја почувствуваме вистинската црковна заедница.
Нека славскиот ручек биде продолжение на нашата молитвена радост, а не причина поради која ја пропуштаме молитвата.
Да не бидат трпезите полни, а храмовите празни. Да не бидат стомаците сити, а душите гладни.
Зашто човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од устата Божја.
Најпрво да ја нахраниме душата. За стомакот секогаш ќе најдеме храна.
фб објава на Каменичка Парохија
https://www.facebook.com/profile.php?id=61581342143810
