ДА ГО ПОДГОТВИМЕ СРЦЕТО, А НЕ САМО ТРПЕЗАТА!

Возљубени браќа и сестри во Христа,

Утре започнуваат Божиќните пости – благословено време во кое Светата Црква нè повикува да се подготвиме за големата радост на Христовото Рождество. Пред нас се четириесет дена во кои треба да се потрудиме не само да ја промениме храната што ја консумираме, туку пред сè да го преобразиме своето срце.

Во деновите што следуваат, да не дозволиме приоритет да ни стане само „јеловникот“: што смее, што не смее, кога се јаде масло, кога риба, а кога нешто друго. Да не се претвораме во судии едни на други, споредувајќи ги типиците за постот од различни епархии, барајќи кој постел „построго“, а кој „поправилно“. Различните црковни упатства имаат свој поредок и пастирски причини, а за личното правило на постот треба да се раководиме според благословот и советот на својот духовник.

Не е целта да докажеме кој може повеќе да се откаже од одредена храна, туку кој ќе успее повеќе да се откаже од гордоста, злобата, осудувањето, зависта и себичноста. Зашто, залудно ќе ја испразниме чинијата од мрсна храна, ако истовремено ги полниме устата и срцето со навреди, клевети и осуди. Залудно ќе се воздржуваме од јадење, ако не можеме да се воздржиме од тоа да го повредиме ближниот.

Да не се јадеме меѓу себе, додека постиме од храната! Овој пост нека биде време во кое ќе научиме да бидеме помилосрдни, потрпеливи, поблагодарни и подостојни луѓе. Да најдеме време за молитва, да простиме таму каде што сме повредени, да побараме прошка таму каде што сме згрешиле, да му помогнеме на оној што има потреба и да не ја затвориме душата пред човечката мака.

Да бидеме дарежливи не само со парите, туку и со времето, вниманието, убавиот збор и љубовта. Понекогаш на човекот не му е потребен подарок, туку некој што ќе го сослуша, ќе го разбере и нема да го осуди.

А најважно од сè – да се потрудиме да го исполниме Христовиот повик да го љубиме ближниот како самите себе, па дури и непријателот. Тоа е вистинската мера на нашата христијанска љубов. Лесно е да ги сакаме оние што нè сакаат; вистинскиот подвиг започнува тогаш кога ќе се помолиме и за оние со кои не сме во добри односи.

Нека не ни биде Божиќниот пост натпревар во строгост, ниту повод за расправии и осудување. Нека биде тивко и искрено патување кон Витлеем, патување во кое ќе го очистиме срцето од сè што не Му припаѓа на Христа, за во него да има место за Него. Зашто, Христос не бара само посна трпеза. Тој го бара нашето срце.

Од Каменичката парохија, по благослов на Неговото Преосвештенство епископот делчевско-каменички Марко, ви посакуваме лесен, благословен и Богоугоден Божиќен пост! Господ да ни даде сила да постиме со телото, да се очистуваме со молитвата, да се поправаме со покајанието и да растеме во љубовта.

Да го дочекаме Христовото Рождество не само со посна трпеза, туку пред сè со чисто срце и душа исполнета со љубов!

Со Божји благослов!

фејсбук објава Каменичка Парохија

фото Каменичка Парохија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *