Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека власта се подготвува за редовни парламентарни избори во април 2028 година, но порача дека владејачкото мнозинство е подготвено да поддржи и предвремени избори доколку здружената опозиција поднесе таква иницијатива.
„Ние имаме редовни избори на пролет 2028 година, но доколку има некаква иницијатива од здружената опозиција, ние сме подготвени да ја поддржиме таа иницијатива“, рече Мицкоски, отфрлајќи ги шпекулациите за можни тајни договори во владејачката коалиција. Според редовниот календар, техничка Влада би требало да се избере кон крајот на декември 2027 година.
Изјавата на премиерот следи откако претседателот на коалицискиот партнер ЗНАМ, Максим Димитриевски, најави дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку се прифати барањето на студенти Албанци правосудниот испит да се полага и на друг јазик освен македонскиот. Опозициските СДСМ и Алијанса за Албанците ваквите најави ги оценија како обид да се создаде алиби за распишување предвремени избори.
„Не барајте воопшто теории на заговори, сценарија – овој ќе напуштал, тој ќе напуштал. Тука се политичките партии од опозицијата, нека поднесат здружена иницијатива за распуштање на парламентот и тука сме ние. Нема проблем, ќе одговориме позитивно секогаш“, истакна Мицкоски.
Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ вчера информираа дека започнуваат теренски активности и посети на сите населени места со цел директно да се слушне мислењето на граѓаните за тоа што функционира, а што треба да се подобри.
Последен пат парламентарни избори во државата се одржаа на 8 мај 2024 година, заедно со вториот круг од претседателските избори, на кои победи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
