Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади договорија конкретни мерки за побрзо постапување, поголема заштита на жртвите и поефикасен прогон на сторителите на семејно насилство.
На вчерашната средба во Јавното обвинителство, со државниот јавен обвинител Ненад Савески и министерот Ѓоко Велковски и министерот Тошковски, беа дефинирани нови механизми за зајакнување на меѓуинституционалната соработка:
Итно известување и тимска реакција: МВР веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното обвинителство. Јавниот обвинител потоа ќе координира заеднички тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.
Брза проценка и обезбедување докази: Тимовите ќе работат на итна проценка на ризиците по жртвата, како и на навремено прибирање на потребните докази и стручни мислења за ефикасно водење на постапките.
Постојани контакт-точки: Во сите три институции се воспоставуваат постојано достапни контакт-точки за директна комуникација, со цел да се избегнат административни одложувања кога се загрозени нечија безбедност и живот.
Надлежните порачуваат дека семејното насилство не е приватна работа, туку сериозен општествен проблем на кој државата мора да одговори одлучно и без одлагање. Приоритет на институциите останува заштитата на жртвите, спречувањето на повторување на насилството и навременото изведување на сторителите пред лицето на правдата.
