Во сабота, 28 ноември 2026 година, со почеток во 11:00 часот, на магистралниот пат кај Градечки мост (спроти Градскиот парк) во Крива Паланка, ќе се одржи втор мирен граѓански протест. Граѓаните излегуваат на улица со барање за итно и трајно решавање на долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на добитокот низ градот и околината.
Преку овој собир, жителите бараат конкретна акција од надлежните институции, доследно спроведување на законите и целосна заштита на нивната безбедност и имот.
„Пораката е недвосмислена: потребни се дела, јасни рокови и резултати. Протестот е повик за одговорност и итни мерки со кои ќе се стави крај на опасностите, штетите и неизвесноста со кои се соочуваат жителите. За безбедноста на семејствата. За заштита на имотот. За живот без страв!“, порачуваат од Општина Крива Паланка во пресрет на настанот.
